Организација „на ниво“ – Македонија мораше да си купи кревет во Каиро!

Споени кревети, купување кабли за електрична енергија, средба со туристи, масирање на душек, долго патување со автобуси до сала....се дел од непријатностите од првите два дена

Вообичаено е кога е СП домаќинот да биде подготвен и да им понуди на репрезентациите што е можно подобри услови. Таквите услови и задоволување на потребите е дел од пропишаните правила. Но, за СП во Египет сите репрезентации имаа многу забелешки. Ниту нашата експедиција не е имуна на проблеми. Нашата делегација мораше да купи кревет!

Иако се сместени во хотел кој има „многу звездички“ и каде покрај репрезентациите има уште неколку стотина туристи домаќините не успеаа да им понудат „максимален конфорт“ и безгрижност на тимовите. Иако било договорено во хотелот да има кревет за масажа, со цел да не се носи од Скопје во Каиро се останало само на ветување.

И „виделе – невиделе„ нашите мораа да обезбедат услови за физиотерапевтите да можат да работа. Единствено решение било да се купи кревет за масирање и тоа било сторено. Па сега федерацијата ќе има уште еден кревет за масирање.

Имало проблеми и со собите во кои се сместени ракометарите. Наместо посебни и одвоени кревети некои од собите имале „споени кревети“, па неколку часа траело „одвојувањето“, барањето нови кревети. Немало ниту продолжни кабли за струја и за прожекторите во собите каде требало да се гледаат видео снимките…

„Во хотелот стигнавме првиот ден околу 19 часот, а во собите влеговме дури после 23 часот. Многу чекање, нервоза. Многу долго патување со автобус до сала и назад. Нема време за одмор. Делува како да не се добро организирани. Во хотелот има туристи, па се среќаваме со нив во лифт, во фоајето. Нема „затворен систем“ на некој балон. Мораме да се чуваме самите, да бидеме внимателни, вели Никола Митревски, голманот на репрезентацијата.

Во следното коло Македонија треба да игра со домаќинот Египет.