„Одлично е чувството да фатиме топка во раце по два месеци“

Ракометарите на хрватскиот првак Загреб предводени од тренерот Веселин Вујовиќ пред два дена им се вратија на тренинзите во сала.

Иако мерките од властите не дозволуваат тренинзи на кои се навикнати ракометарите, сепак и овој чекор добро им дојде.

„Едвај чекавме по два месеци да фатиме топка во раце. Одлично е чувството да одработиме заеднички тренинг, па макар и вака модифициран“, вели Анте Гаџа.

Во Загреб се врати и тренерот Веселин Вујовиќ, кој поголем дел од времето помина во Шабац.

„Тешко е да се тренира без контакти, но мораме да се придружуваме кон мерките и да се надеваме дека наскоро ќе може да се вратиме во нормала. Кондицискиот тренер ги одржа ракометарите на задоволително ниво, но сега полека ќе воведуваме специфични ракометни вежби со топка. Долг е периодот пред нас од два месеци без тренинг со топка, па не сакаме никакви повреди во овој период со оглед дека сите момци се здрави“, вели Вујовиќ за клупскиот сајт.