Обрадовиќ: Навивачите во Битола живеат за ракометот, со нив ќе имаме голем плус

Новиот ракометар во редовите на Еурофарм Пелистер, Немања Обрадовиќ се враќа во Македонија, но овој пат во Битола.

Обрадовиќ дојде од тимот на ППД Загреб и ќе биде освежување во бековската линија.

„Еурофарм Пелистер е клуб со голема традиција и амбиција и секоја година го забележувам напредокот. Минатата сезона нијанси решаваа. Среќата во спортот често е пресудна. Верувам дека оваа сезона можеме подобро да се претставиме. Нè има повеќе и ќе има повеќе ротации, но ќе има и повеќе натпревари“, вели Обрадовиќ.

Добро знае како е да се игра пред публика во Битола особено доколку се носи дресот на домашниот тим.

„Коронавирусот го промени спортот. Навивачите во Битола се многу важен фактор. Сите знаат дека фановите тука се многу страствени и живеат за овој спорт. Ако ги имаме како поддршка на трибините, тоа ќе биде голем плус за нас“, рече Обрадовиќ.

Доколку ја повтори формата во која играше кога го носеше дресот на Металург тогаш тој ќе биде одлично засилување за тимот на Еурофарм Пелистер.