Норвешки шок пред полни трибини за Ростов Дон

Ракометарките на Вајперс Кристијансанд направија вистинско изненадување во Лигата на шампионите и триумфираа против Ростов Дон со 34:27 во првиот четвртфинален дуел.

Иако Ростов Дон беше фаворит на хартија и се очекуваше формално да го потврди своето учество на завршницата во Будимпешта, сепак шампионот на Норвешка и покрај сите препреки со кои се соочуваше поради рестрикциите во нивната земја, денес апсолутно беше подобар противник од рускиот тим.

Ракометарките на Ростов Дон до 15. минута имаа водство, а потоа противничките ракометарки со одличната игра во нападот и одбраната направија пресврт. Шутерски расположена за игра беше Нора Мерк која со нејзините голови постепено ја градеше предноста за својот тим. По 30 минути игра резултатот на семафорот беше 19:12 за екипата на Вајперс Кристијансад.

Во второто полувреме, Ростов Дон постојано ја бркаше високата разлика на противникот и од минус девет разлика стигна на само четири негатива на десет минути до крајот, 28:24. Сепак, Вајперс Кристијансад ја одржа предноста и успеа да запише голема победа пред утрешниот реванш натпревар против рускиот шампион.

Најефикасна во составот на Вајперс Кристијансад беше Нора Мерк со девет гола од десет обиди. Во екипата на Ростов Дон единствена светла точка беше репрезентативката на Франција, Грас Заади со осум постигнати гола.