Нови откази од настап во Европа

Нема крај на отказите од играње во европските купови за претстојната сезона. Клубови од Германија, Шпанија, Белгија, Луксембург, Србија…веќе се откажаа, а на таа листа сега има и клубови од Австрија, Грција и Турција.

Кај мажите, од Австрија можеа да се пријават четири екипи, а ќе играат три. Фиверс ќе биде дел од Лигата на Европа, додека од играње во ЕХФ Купот се откажаа Алпла Хард и Кремс, а на нивно место се пријавија Вест Виен и Ферлах, кои ќе чекаат дозвола од европската куќа на ракометот.

Кај дамите, Хипо и Атцердроф се пријавија за Лигата на Европа, а право за настап во ЕХФ Купот нема да искористат Фиверс и Штокерау, па Винер Нојштат се пријави на нивно место.

Од грчките тимови, кои можеа да бидат осум на европска сцена, ќе играат само три. Се откажа Олимпијакос, АЕК Атина и Диомидис ќе играат во ЕХФ Купот, додека кај дамите само ПАОК Солун ќе игра во ЕХФ Купот.

Турскиот Јенимале се откажа од играње во најслабото европско натпеварување, па покрај Кастамону во Лигата на Европа, тимот на Измир ќе се обиде да добие место во ЕХФ Купот.