Никола Карабатиќ играл позитивен на коронавирус против Исланд!

Никола Карабатиќ на дуелот против Исланд кој се одигра во саботата играше иако два дена пред тоа на тестирањето имаше позитивен тест на коронавирус. И покрај позитивниот резултат тој настапи во изненадувачкиот пораз на Французите.

Карабатиќ во декември беше заразен со коронавирусот, затоа тој и понатаму може да биде позитивен на тестирањето, но не претставува ризик за инфекција на неговата околина. Иако звучи сомнително и нелогично, ова е објаснувањето за неговата ситуација.

ЦТ вредностите од анализата на Карабатиќ биле толку високи при последното тестирање што било оценето дека тој не претставува закана за ширење на заразата. И ЕХФ имаше свое образложение за насапот на Французинот.

„Точно е дека Никола Карабатиќ имаше тест со позитивен резултат после натпреварот со Холандија. Неговата медицинска историја на Ковид ја разгледаа нашите медицински експерти бидејќи тој претходно бил заразен. Повторно беше тестиран а врз основа на вредностите на ЦТ и неговата медицинска историја беше оценето дека тој може да игра“, гласи соопштението од ЕХФ за ТВ 2 Спорт.

Според овие критериуми на ЕХФ, Карабатиќ може да продолжи да игра на првенството иако повторно има позитивен тест, но под услов неговата вредност на ЦТ да нема поголемо намалување. Следниот натпревар Франција го игра во понеделник против Црна Гора.