Неспортски потег – ја премачка топката со лепак за да го деконцентрира противникот

Вообичаено скандинавските екипи и ракометари важат за многу коректни и фер плеј, но и таму има исклучоци. Неспортски момент се случи во завршницата од вториот меч од финалето во првенството на Данска помеѓу Силкеборг и Алборг.

При резултат 29:28 за Силкеборг, составот на Алборг имаше седмерец кој требаше да го шутира Бастер Јул-Ласен. Тогаш ракометарот побара да ја замени топката бидејќи целата беше намачкана со лепак. Како што може да се забележи од сликата тоа го прави играчот на домаќинот Аугуст Педерсен.

„Имам 28 години и веќе 18 години шутирам пенали, чувствувам кога нешто не е добро со топката. Се сомневам дека еден од играчите на Силкеборг се обиде да ми попречи размачкувајќи ја топката со лепак, затоа морав да ја сменам. Мислам дека ова е лудо и неспортски“, изјави Јул-Ласен.

Овие обвинувања ги негираше играчот на Силкеборг и објасни дека тоа не го сторил за да го деконцентрира противничкиот играч.

„Да, додадов малку лепак но тоа беше за мене. Првпат влегов во игра во последните минути. Тоа не беше мојата намера, игравме 59 минути па нормално беше топката да биде леплива“, негираше Педерсен.

Јул-Ласен сепак го реализираше пеналот за Алборг, но Силкеборг сепак победи со 30:29 и го изедначи резултатот во серијата. Шампионот на Данска ќе биде одлучен на 16 јуни во третиот меѓусебен натпревар.