Недановски го крена 12 трофеј со Вардар: Пресуди поголемата концентрација за разлика од Битола

Вардарци славеа во драматичен натпревар против Еурофарм Пелистер со 26-25 и го одбранија трофејот во Купот на Македонија.

Тренерот на „црвено-црните“, Владо Недановски кој како играч и тренер го освои 12 трофеј со Вардар, вели дека подобрата концентрација за разлика од дуелот во Битола била пресуди.

„Имавме пад и две технички грешки во финишот, иако во текот на мечот малку грешевме, концентрацијата беше на високо ниво за разлика од Битола, каде промшаивме многу шанси и на крајот таму домашните победија со три гола. Не се подготвувавме специјално, но се договоривме да сме поконцентрирани, бидејќи овде реши еден гол“, вели Недановски.

Најдобар стрелец во вардаровиот тим беше Леонардо Дутра Фереира заедно со Куни Моралес со седум гола.

„Тешко одеше прилагодувањето на Дутра во Македонија и Вардар, но како одминува времето така е се подобар и даде одлична партија, па заслужено го освои МВП признанието.

Тренерот на Вардар му даде шанса и на младиот Марио Стојановски на левата крилна позиција во отсуство на Дејан Манасков.

„Недостигаа головите на Манасков, но Марио Стојановски одигра на ниво во текот на целиот меч. Задоволен сум од тоа како играше 60 минути и немаше никаква грешка. Задоволен сум од тоа како работи и мислам му претстои блескава иднина“, продолжи Недановски.

Вардарци ја пропуштија шансата за титула во првенство, а тренерот Недановски смета дека битолчани нема да си дозволат кикс.

„Во спортот се е можно, но Еурофарм Пелистер има квалитетна екипа и нема да направи некој кикс во следните два меча, но да почекаме“, заврши Недановски.