Натпревар на денот: Спектаклот меѓу Данска и Египет обоен со црвено, украсен со пенали (ВИДЕО)

Репрезентациите на Данска и Египет го имаа натпреварот на денот меѓу четврт-финалните дуели на Светското првенство, a покрај тоа што овој натпревар траеше 80 минути се изведуваа и удари од линијата од седум метри.

На оваа средба имаше многу случувања. Судиите од Хрватска, Матија Губица и Борис Милошевиќ неколкупати мораа да погледнат снимка за да можат да донесат вистинска одлука за одредена ситуација.

Сепак, клучните одлуки беа кога им доделија црвени картони на играчите кои реагираа неспортски на секунди пред истекот на времето. Микел Хансен на две секунди пред крајот на првите две продолженија ја фрли топката и доби црвен картон, а Египет удар од седум метри.

На крајот од вторите продолженија Елмасри не остави три метри за шут на Гидсел и тргна кон него, па немаше дилеми за судиите и овој несмасен потег го окарактеризираа како намера и му доделија црвен картон, а Данска доби пенал.

Победникот и првиот полуфиналист беше познат после изведување на ударите од седум метри. Доколку не го следевте овој дуел тогаш можете да ги погледнете пеналите и да уживате во возбудувањата.

Инаку, Данска во полуфиналето за ривал ќе го има составот на Шпанија и ова ќе биде двобој на актуелните светски и европски шампиони. Во другото полуфинале се среќаваат Франција и Шведска.