Нант доминантно против Алборг за петти триумф во ЛШ!

Екипата на Нант им се врати на победите во Лигата на шампионите, откако на денешното гостување во Данска кај Алборг триумфираше, со резултат 35:32, во натпревар од 7. коло од групата Б. Клучен фактор за победата на Нант беше одличната игра на почетокот на вториот дел кога направи предност од шест гола разлика и во ниту еден момент не му дозволи на домаќинот да има било какви шанси за приклучок.

Првиот дел од натпреварот заврши ефикасно, беа постигнати вкупно 37 погодоци и тој податок покажува дека и двете екипи не играа на високо ниво во одбраната. Нант во најголемиот дел од првите 30 минути беше во предност, но без голема комоција во играта. Мотивираниот Алборг, кој имаше голема поддршка од трибините, во ниту еден момент не беше вистинска закана за противникот во првото полувреме.

Данскиот вицепрвак на двапати беше во водство, поведе со 1:0, потоа имаше и 2:1 и во останатиот дел францускиот тим беше подоминантен, подобро се снаоѓаше во нападите, наметна свое темпо и имаше постојана контрола на резултатот. По нерешените 2:2, тимот на Нант со два гола во низа се одлепи на 4:2 и кон средината на првото полувреме дојде до дотогаш највисоките плус три, 9:6.

Ракометарите на Нант од 15. минута, па сѐ до крајот на првото полувреме беа во предност од два до три гола разлика и во неколку наврати не реализираа за плус четири. Иако Алборг не играше лошо, сепак, немаше голема поддршка од голманот Симон Гаде, кој првиот дел го заврши со само две интервенции. На полувреме резултатот беше 20:17 во корист за гостите.

Нант на почетокот на второто  полувреме набрзина дојде до 24:19. Алборг мораше да го даде и последниот атом од силите за да дојде до камбек, се обидуваше да се врати во игра, но никако не успеваше да ја преполови негативата. По десет минути игра, односно во 40 минута, предноста на Нант беше 28:22. Домаќинот имаше краток залет, се доближи на 30:28, а во последните десет минути Нант влезе со предност од 32:28 и не дозволи да има никаков пресврт.

Најефикасен во победничката екипа беше Валеро Ривера со осум погодоци, додека во поразениот табор листата на стрелци беше предводена од Себастијан Бартхолд со седум и Микел Хансен со шест гола.