„Можеби е подобро што нема да излегуваме од хотелот, ќе мислиме само на ракомет“

Ракометарката на ЦСКА Москва, Екатерина Илина после повредите се врати на ракометот и својата стара форма, па сега повторно е дел од репрезентацијата на Русија за претстојното Европско првенство.

Илина во разговорот за „Ф-Спорт“ говореше за предностите кои ќе ги имаат репрезентациите од строгите превентивни мерки на првенството и забраната за излегување од хотелот.

„Секако ќе биде тешко без лидерите на репрезентацијата, девојките многу ќе ни недостасуваат. Им посакувам добро здравје и брзо опоравување, со нетрпение ги очекуваме. И покрај повредените ракометарки никој не не ослободува од успех на првенството, секако ќе се бориме за медали до крајот. Ние ќе ги почитуваме сите безбедносни мерки, јасно ни е дека нема да можеме да излегуваме од хотелот. Можеби ова е добро, ќе се сконцентрираме целосно на играта и ќе се поддржуваме меѓусебе. Сите екипи во групата се силни, против секого ќе влеземе со максимална концентрација, желба да го дадеме својот максимум и да победиме“, рече Илина.

Европското првенство ќе се одржи од 3 до 20 декември во Данска, а Русија ќе игра во групата Б со Шведска, Шпанија и Чешка.