Младост со пресврт во финишот го скрши отпорот на Борец

Ракометарите на Младост во рамките од 12. коло во Првата лига беа подобри од незгодниот тим на Борец со резултат 27:24. Со оваа победа, Младост го презеде лидерското место во Групата А со 30 бодови, но нивниот директен конкурент, Вардар Неготино со 27 бодови има натпревар помалку.

Во првите минути се играше доста ефикасно, па така во 10. минута, ракометарите на Борец имаа предност од два гола разлика, 6:4. Преку искусниот, Караиванов, домаќините го израмнија резултатот на 6:6. По нерешените 7:7, следуваше погодок на Ѓуриќ за водство на Младост од 8:7. Двете екипи до крајот на првиот дел се менуваа во водство, но ниту една од нив не можеше да направи поголема разлика од еден гол. На пауза резултатот беше нерешен, 12:12.

Екипата на Борец беше подобар противник во поголемиот дел од второто полувреме. Во 38. минута, Атанасовски донесе плус два гола разлика за гостинскиот тим, 17:15. Избраниците на Драган Вурмо дозволија гостите во 45. минута да имаат три гола разлика, 21:18. И покрај солидната партија на голманот на Борец, Митревски, домашната екипа на шест минути пред крајот дојде до погодок за водство од 24:23. Младост до самиот крај постигна три погодоци, додека Борец само еден, тоа се покажа како клучно за победата на Младост од 27:24.

Најефикасен во победничката екипа беше Митко Караиванов со осум погодоци. Во екипата од Велес, Кристијан Ристов, исто така беше стрелец на осум погодоци. Во следното коло, Борец на свој терен ќе го пречека Вардар Неготино. Ракометарите на Младост во 13. коло се слободни.