Мицевска: Посакуваме и сонуваме да играме на СП!

Женската репрезентација на Македонија вчера ги започна подготовките за бараж двомечот со Украина за пласман на Мундијалот 2023, кој ќе се одржи во Данска, Норвешка и Шведска.

Една од интернационалките во репрезентацијата на Македонија, Јована Мицевска, смета дека Украина е противник по мерка.

Голманката на Ница истакна дека голема предност за Македонија ќе биде играњето на домашен терен. За потсетување, поради конфликтот во Украина, реванш дуелот ќе се одигра во Унгарија.

„Сметам дека имавме доволно време за да се подготвиме за дуелите со Украина, сега ни остануваат уште неколку дена за финалните подготовки. Се надевам дека можеме да се пласираме на едно Светско првенство и сите тоа го посакуваме и сонуваме. Украина е противник по мерка, мислам дека можеме да се носиме со украинската репрезентација. Како предност го гледам првиот натпревар, кој го играме на домашен терен, ќе имаме поддршка од публиката, но исто така реваншот ќе се одигра на неутрален терен, во Унгарија, сепак, тие нема да играат пред домашната публика и мислам дека тоа ќе го искористиме”, изјави Мицевска.

Првиот натпревар меѓу Македонија и Украина се игра во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19:00 часот, додека реваншот е во унгарскиот град Кишварда на 11 април од 17:00 часот.