Митревски искрен за поразот: Малку фаули и исклучувања, ни фалеше дисциплина и агресивност

Македонија со пораз го почна настапот на СП во Египет, и тоа со убедлива разлика, 20-32 од Шведска. Ние дојдовме во „12 и 5“ во Каиро, Шведска со изменет состав без 7-8 стандардни репрезентативци, но ни одржа лекција.

Овие „минус 12“ болат повеќе од самиот пораз. Јавноста сака да види борбена екипа, со мотив, жар и желба. И тоа го имаше само во првите 10-15 минути. Потоа се беше во знакот на Скандинавците.

„Започнавме солидно. Но, се се растури и тие 40 следни минути и комплетно второ полувреме беа едни од најлошите за нас со овој состав. Ни фалеше борбеност, немавме жар во одбрана. Прелесно губевме дуели. Швеѓаните ни покажаа како треба да се игра и напад и одбрана“, вели голманот Никола Митревски.

Ги немаше неговите „мајагери одбрани“, пантерски потези. Швеѓаните казнуваа се што можеа, контри, полуконтри а особено бевме тенки на линијата од шест метри.

„Неколку фактори се тука битни за вака високиот пораз. Фалеше дисциплина, борбеност агресивност. Имавме малку фаули во одбрана малку исклучувања. Последните неколку натпревари, линијата ни беше проблеми. Со Чиле исто и со Швајцарија имавме таму проблеми. Сите анализираат и знаат каде сме слаби и знаат каде да напаѓаат“, вели Митревски.

Се уште чекаме да ја победиме Шведска на големите натпреварувања. Но, наместо борбеност загубивме со 12 гола.

„Без разлика дали ќе изгубиме со 1 или 12 или 15 гола не носиме бодови во следна фаза. Нема проблем и треба побрзо да го заборавиме. Загубивме и треба да се погледнеме, да направиме анализа да видиме каде може да се подобриме. На големи натпревари нема време за плачење. Следниот меч е со домаќинот. Ќе сакаат што поубедливо да не победат. Ако не се подговтвиме добро може пак да имаме проблеми“, вели Митревски.

Во следното коло Македонија игра со Египет, а потоа со Чиле. Откако загубивме од Шведска, сега ќе бараме шанса против домаќините или Чиле за бодови кои може д ане однесат во следната фаза.