Митревски за 24Ракомет ТВ: Со нашиот осми играч да се радуваме на победа! (ВИДЕО)

Сениорската репрезентација на Македонија утре ќе го одигра првиот натпревар од бараж двомечот против незгодната репрезентација на Романија.

Еден од поискусните ракометари во репрезентацијата на Македонија, Никола Митревски се надева на позитивен резултат против Романија, но истакнува дека во ниту еден случај не смее да се потцени противникот.

„Мислам дека можеме да одговориме на задачите, кои што ни ги задава стручниот штаб. Би требало да го одиграме она нашето, најдоброто, па со два добри натпревари да се пласираме во априлскиот бараж. Никако не би ја потценил репрезентацијата на Романија бидејќи има доста квалитетни играчи. Јас би посакал полна сала, поддршка од публиката, која очекувам да биде нашиот осми играч, и секако, заедно да се радуваме на победа“.

Митревски во својата кариера настапуваше и во романскиот шампионат. Доволно го познава секој играч на романската репрезентација, но голманот на Порто смета дека советите од членот на стручниот штаб, Бранислав Ангеловски, кој поголемиот дел од својата кариера го мина во Констанца, се сосема доволни за добра анализа и подготовка.

Поголемиот дел од репрезентативците на Романија ги познавам доволно. Сепак, во стручниот штаб го имаме Бранче Ангеловски кој беше таму многу подолго од мене и најдобро ги познава сите играчи. Мислам дека доволни ни откри за нив и имаме доволно информации за квалитетите на секој репрезентативец на Романија. Не сакам да прогнозирам за резултатот и што и како би било. Како што спомнав, романската репрезентација има силни играчи плус имаат селектор кој е тренер на романска екипа и ги подготвува ракометарите на едно високо ниво. Тоа го забележавме и во настапите во Лигата на шампионите каде четворица репрезентативци на Романија имаа добра минутажа во последните натпревари.

Избраниците на Кире Лазаров ќе ја пречекаат Романија во СЦ “Борис Трајковски”, со почеток од 19:00 часот.

Реванш натпреварот меѓу Македонија и Романија ќе се одигра на 19 март во Букурешт. Саатницата за натпреварот во Букурешт е 17:00 часот. Победникот од овој двобој ќе игра против Чешка во априлскиот бараж, а победникот од тој дуел ќе обезбеди виза за Мундијалот во 2023 година.