Машката сениорска репрезентација на Македонија денеска ги доби ривалите во групата за Светското првенство во 2023 година. Домаќини на Мундијалот ќе бидат Полска и Шведска.
Македонија ќе игра во групата Ф што ќе се игра во полскиот град Краков, а противници ќе бидат силната Норвешка и незгодните репрезентации на Аргентина и Холандија. За потсетување, репрезентацијата на Холандија беше една од изненадувањата на континенталниот собир оваа година.
Голманот на македонската репрезентација, Никола Митревски истакна дека групата во која се наоѓа Македонија е една од потешките. Според Митревски, Македонија својата шанса за пласман во следната фаза ќе ја бара во дуелите против Холандија и Аргентина.
,,Мислам дека добивме група која што е многу израмнета и ѐ една од најтешките. Норвешка како носител, но и како фаворит во оваа група, а останатите три селекции сме изедначени во шансите за пласман во следната фаза. Ќе биде тешко и неизвесно до самиот крај. За нас најважно ќе биде да сме комплетни и здрави за време на подготовките за Светското првенство, како и на самиот настап во јануари”, изјави Митревски за 24Ракомет.
Светското првенство ќе се игра во четири полски града – Краков, Катовице, Гдањск и Плоцк, како и во пет шведски града – Малме, Јончопинг, Гетеборг, Кристијанштад и Стокхолм од 11 до 29 јануари.
Македонија ќе игра во Полска, доби тешка група на Мундијалот!