Милосављев херој, Србија обезбеди билет за СП

Дејан Милосављев беше херојот на Србија со 15 одбрани во новата победа над Словенија во „Балканското дерби“ со кое Србите го обезбедија својот пласман на Светското првенство. Со победата во овој двомеч Србија прекинува и една низа на Словенија со учеството на Светските првенства, додека од друга страна тие фаќаат своја серија.

Србија во денешниот натпревар влезе со триумф од првиот натпревар на гости во Целје со 31:34, денес запишаа уште еден триумф од 23:20 со кој обезбедија место на Светското првенство.

Oд почетокот беше неизвесно, Србија во поголем дел од натпреварот имаше водство, а највисоката предност која ја достигнаа некаде на средината на првиот дел беше три разлика (9:6). На пауза се замина со два гола водство за домаќините 10:8. Уште еднаш во вториот дел Србија ги достигна највисоките плус три. Словенија накратко имаше и предност, на два пати „плус два“. Сепак во завршницата Србија ја врати добрата игра и стигна до нова победа.

Најефикасни кај Србија беа Немања Илиќ и Богдан Радивојевиќ, по четири. Кај Словенците Бонбач беше стрелец на шест гола. Треба да се спомене и дека овој важен натпревар им припадна на македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

Репрезентација на Унгарија на голманот на Еурофарм Пелистер, Мартон Секељ забележа убедлива победа на домашен терен против Израел со 31:22. Унгарците славеа и на првиот натпревар во Израел, тој дуел го добија со еден разлика 32:33. Секељ на голот денес собра шест одбрани, а најефикасни беа Золтан и Габор со по шест гола. Кај Израелците Ламбросо постигна седум гола.

Хрватска својот пласман на Светското првенство го обезбеди уште во првиот натпревар кога ги победи Финците со 34:21, а денес забележаа и уште една висока победа од 36:22. Мариќ Марио беше најрасположен кај Хрватите со седум постигнати гола, а Филип Главаш постигна еден помалку. Во редовите на Финска Сијрала беше стрелец на пет гола.

Исланд исто така ја потврди победата од првиот натпревар против Австрија и го завери своето место на собирот на најдобрите светски селекции. После победата на гости во Австрија со 30:34, денес на домашен терен запишаа уште поубедлива победа од 34:26. Елисон Бјарки ги предводеше Исланѓаните со осум гола, Палмарсон постигна шест, за Австрија Вагнер шест пати се запиша во листата на стрелци.

Вечерва од 20:00 часот се игра и натпреварот помеѓу Фарски Острови и Германија, а во првиот натпревар Германците на домашен терен славеа со 36:24.