Мешков со убедлив триумф го елиминираше Мотор од ЛШ

Ракометарите на Мешков Брест немаа проблеми да ја достигнат негативата од првиот осминафинален натпревар кога загубија 30:32 од Мотор Запорожје и во реваншот на домашен терен славеа убедлива победа со 30:23.

Екипата од Белорусија клучната предност ја направи уште во првиот дел. Мешков поведе со 4:1 и 5:2 по што следуваше период во кој домашниот тим го реши победникот. Од 10. минута па сè до 22. минута Мотор не успеа да постигне гол, ова многу добро го искористија домашните ракометари со серија од 6:0 за огромно водство уште во првиот дел.

На полувреме Мешков Брест имаше предност од 16:8. Продолжението не донесе многу промени, постојано се играше гол за гол и домашниот тим сигурно го водеше натпреварот до конечен триумф. На крај Мешков победи со повеќе од доволни седум разлика што ги носи во четврт-финалето.

Најефикасен во составот на Мешков беше Вајлупов со седум гола, а Сташ Скубе постигна шест погодоци. Пешиќ беше одличен на голот со 11 интервенции. Во тимот на Мотор најефикасен беше Пуховски со седум гола.