Металург РА со херојски камбек, драмата со Македонија Ѓорче Петров заврши реми!

Иако тимот на Македонија Ѓорче Петров водеше во вториот дел со шест разлика на гости кај Металург РА, сепак на крајот може да биде задоволен и со еден освоен бод, откако мечот заврши 30-30.

Во првото полувреме, најчесто се играше гол за гол. По 16-16 во финишот, искусните Ролевски и Димовски погодија за плус два за гостинскиот тим, 18-16.

Во вториот дел избраниците на Оливер Димитриоски стигнаа до шест гола предност, 28-22, но се чини дека прерано почнаа да слават. Низа грешки во нападот на гостите беа казнети од домашниот тим преку Гилев и Петковски и беше 28-26 на десетина минути до крајот.

За момент Македонија ЃП отиде на безбедни плус три, 29-26, но повторно имаше пад во нивната игра и момците на Миле Бочкаровски со четири гола во серија поведоа со 30-29.

Ѓорѓевски израмни на 30-30 кога останаа да се играат уште две и пол минути, двете екипи не реализираа до крајот. Последниот напад беше за домашниот тим, заврши со удар во блокот и на крај си поделија по бод.

Најдобри стрелци во домашниот тим беа Петковски и Наумовски со по седум погодоци, а кај гостинската екипа, 11 пати реализираше Ролевски, додека по пет гола имаа Ѓорѓевски, Ѓиноски и Димовски.