Металург не виде мака против Спартак

Ракометарките на Металург со победа од 34:26 против Спартак ја започнаа новата сезона во Женската лига. Во Автокоманда, избраничките на Јулијана Дамчевска немаа никакви проблеми и многу лесно стигнаа до два бода.

Спартак единствено пружи отпор само во првите минути при нивно водство од 1:0. Во преостанатиот дел, Металург покажа ефикасна игра и многу лесно доаѓаше до брзи погодоци. Предводени од Калајџиевска, домаќинките на полувреме имаа предност која беше изразена со десет гола разлика, 21:11.

Во второто полувреме разликата на контото на Металург се зголеми на највисоки 15 разлика, 31:16. Гостинките немаа никакво решение за расположениот противник кој ја казнуваше секоја нивна грешка. Гол серијата на Металург конечно беше прекината во 47. минута со голот на Трајановска.

Во последните десет минути немаше голема промена на теренот. Спартак се обидуваше да ја преполови преголемата разлика, но до крајот немаше многу време.

Најефикасна во редовите на Металург беше Јана Калајџиевска со седум гола. Во екипата на Спартак, Ангела Гроздановска беше најрасположена и ги предводеше стрелците во нејзината екипа со осум гола.