Мараш веројатно нема да игра, Мандалиниќ и Велковски ќе стиснат заби за Вардар

Покрај поразот во финалето од Купот на Македонија, Еурофарм Пелистер, има(ше) и други грижи во пресрет на возвратниот натпревар против Вардар во суперлигашкиот плеј-оф.

Битолчани веројатно нема да сметаат на услугите на десниот бек Матео Мараш, кој го свитка коленото на финалниот двобој со Вардар и во прв момент изгледаше дека се работи за посериозна повреда. Не е толку сериозно како што изгледаше во прв момент, но хрватскиот репрезентативец веројатно нема да биде подготвен за дербито.

Стипе Мандалиниќ на Ф4 во Купот на Македонија беше во ростерот на Еурофарм Пелистер, но не одигра поради проблемите со половината. Доколку биде во состојба, ќе му помогне на тимот за пресметката со Вардар.

Мартин Велковски по финалниот натпревар во Автокоманда се пожали на болки во потколеницата, но тој веројатно ќе го понесе товарот на десната бековска позиција. Тренерот Жељко Бабиќ можеби ќе го вклучи во ростерот Невен Стјепановиќ, кој оваа сезона добива мала минутажа и ќе ја напушти Битола.

Кај Вардар, Анте Гаџа сигурно нема да настапи, а ќе видиме дали тренерот Стевче Алушовски ќе направи некоја измена во ростерот за дерби пресметката во Битола, која се игра в четврток од 18:00 часот.