Манасков нема да биде единствен Македонец на спектаклот во „Ланксес Арена“

Македонија ќе има двајца претставници на Ф4 турнирот од сезоната 2019/20 што требаше да се игра во јуни, но беше презакажан за декември. Покрај Дејан Манасков, во Келн ќе биде и делегатот Драган Начевски.

Сите четири тима – Веспрем, Кил, Барселона и ПСЖ, вчера пристигнаа во Келн каде што ќе се одигра завршниот турнир во Лигата на шампионите.

За разлика од минатиот турнир, кога играше шампионот Вардар, а судеа Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, сега ќе има само двајца Македонци во Келн.

Дејан Манасков со унгарскиот шампион Веспрем ќе се сретне со бундеслигашот Кил во второто полуфинале, a Драган Начевски ќе биде делегат на овој натпревар.

Првиот дуел меѓу Барселона и ПСЖ  се игра од 18:00 часот, а вториот меѓу Веспрем и Кил е на програмата во „Ланксес Арена“ од 20:30 часот.

Утре на истото место и во истите термини ќе се одиграат дуелот за трето место и големото финале.