Манасков и Веспрем триумфално во Загреб, „плинарите“ бројат порази

Ракометарите на Веспрем имаа сигурно издание на гостувањето кај Загреб во натпревар од Лигата на шампионите и остварија нова победа 28:35 со која се зацврстија на втората позиција во групата Б зад Барселона.

Првите десетина минути се играше израмнето до 5:5, Веспрем со два гола го имаше првото повисоко водство. Од 16. минута домашниот тим влезе во кризен период кој ги чинеше голема резултатска негатива. Ова го искористија ракометарите на Веспрем и со серија од 5:0 се одлепија на сигурно водство во завршницата на првото полувреме. После првиот дел избраниците на Давид Дејвис имаа предност од 17:11.

На крајот на натпреварот се покажа дека предноста од првиот дел беше сосема доволна залиха за Веспрем да стигне до нова побда. Искусните играчи на унгарскиот тим рутински го приведоа мечот до крај и покрај сите обиди на Загреб да избегнат пораз.

Дејан Манасков денешниот натпревар го заврши со еден погодок од два шута, а најефикасни во неговиот тим беа Нилсон и Мае со по шест гола. Во екипата на Загреб најефикасни беа Леиметер и Периќ со по пет гола. Ова е 13 пораз на „плинарите“ во 13 меча.