„Македонските репрезентативци се мачат самите себе, а ги мачат и навивачите“

По поразот од селекцијата на Русија, македонската машка репрезентација уште повеќе го расипа и онака лошиот впечаток со настапите на Мундијалот во Египет. „Зборнаја“, која патем игра без триото бекови – Санталов, Атман и Шкуринскиј, славеше убедливо со 32-20.

Рускиот портал „Брз Центар“ направи кратка анализа на натпреварот меѓу Македонија и Русија, во која се вели дека нашите репрезентативци се мачат самите себе во Египет, а со игрите ги мачат и навивачите.

„Македонците подобро да останеа дома…Подобро во Египет да играа Чесите, дури и да дојдеа во редуциран состав. Македонците толку се бунеа поради одложените квалификации, потоа за доделувањето на вајлд-картите, па чекаа повик од ИХФ за да патуваат во Египет…и кога се случи тоа – тие дојдоа неподготвени! Лидерите на репрезентацијата се во очајна форма, а двете „легионерски“ титули на Вардар во Лигата на шампионите не придонесоа за напредок на младите надежи. Репрезентацијата што пред девет години беше петта во Европа, сега однапред е осудена на пораз Со ова ниво, Македонија е поблиску до слабите неевропски земји, и повеќе и прилега да игра во Президент Купот, отколку во главната рунда. Во Египет, тие се мачат самите себе и ги мачат навивачите во татковината. Во мечот со Русија, повозбудливо беше да се гледаат маките на организаторот со рекламите на теренот, отколку акциите на Македонците. Најстрашно од се, на овој турнир кај Македонците не се гледа главно оружје на балканците – големата желба“, пишува Сергеј Мордасевич од „Брз Центар“.

За нашата селекција пред враќањето во Македонија останува да го одигра уште дуелот со Белорусија в недела од 15:30 часот.