Македонија ЃП и Голден Арт 2 одиграа реми, си поделија по бод!

Екипите на Македонија ЃП и Голден Арт 2 во натпревар од 4. коло од плеј-оф фазата во Првата лига одиграа без победник, 34:34 (18:13).

Иако Голден Арт 2 се врати во вториот дел и дојде во ситуација да ги освои бодовите, сепак, домашната екипа, која имаше доза на опуштеност во последните десет минути, не дозволи  дебитантот да си замине со цел плен.

Домаќинот подобро го стартуваше натпреварот, поведе со 4:0 и во голем дел од првото полувреме ја задржа оваа предност и ја надгради до плус седум. Ракометарите на Димитриоски беа доминантни во последниот период од првиот дел и целосно го надиграа гостинот, кој немаше решение за Ролевски, Ѓиноски и Димовски. Тројцата ракометари беа расположени за игра и на нивните крила домашниот тим на пауза замина со резултатска предност од пет гола разлика, 18:13.

Вториот дел не донесе ништо ново, гостинот играше под своите можности и под нивото кое го прикажуваше во регуларниот дел од првенството, па така и резултатот се одржуваше на сигурни, за домаќинот 4 до 6 гола предност. Во последните 15-тина минути, поради подобрата физичка подготвеност Голден Арт 2 полека ја анулираше предноста на домаќинот, за во самиот финиш да влезе во комплетно израмнет дуел, а во последниот напад избраниците на Глигоров пропуштија од чиста ситуација да ги освојат трите бодови.

Најефикасни кај Македонија ЃП беа Филип Ролевски со десет, Мартин Димовски со осум и Максимилијан Ѓиноски со седум погодоци. Кај Голден Арт 2 се истакнаа Драган Стефков и Кристијан Стаменковиќ со шест, односно пет погодоци, додека Лука Лешникоски, Немања Џигероски и Андреј Божиновски имаа четири реализации.