Македонија на штрек: Репрезентацијата е собрана и до утре ќе чека повик од Египет

Машката сениорска репрезентација на Македонија го продолжи својот собир и до утре сите ракометари ќе бидат заедно и ќе тренираат очекувајќи добра вест односно повик за учество на Светското првенство во Египет.

Надежта дека е можно да се замине на шампионатот како прва резерва уште постои посебно по денешните вести дека има позитивни случаи кај некои од репрезентациите учеснички.

За да не се препушти ништо на случајот повикани се и уште неколку ракометари за да се зголеми конкуренцијата. Сите се на штерк и во исчекување доколку се укаже шанса истата да биде искористена односно веднаш да се одговори позитивно и да се замине на шампионатот.

Сите кои се дел од репрезентацијата имаа ново тестирање за Ковид 19 и се подготовени за заминување исто како што се и максимално мотивирани за настап на Мундијалот.

Повеќето од ракометарите тренираа во изминатиот период и се подготвуваа при што одиграа и две контролни средби против селекцијата на Чиле. Сепак, во составот има и играчи кои дополнително беа повикани и имаат само 2-3 тренинзи во последниот период бидејќи беа на пауза.

Иако шансите се мали, сепак, уште постојат. Македонија уште има можност да се најде меѓу учесниците на првенството во Египет, но ќе мора да се почека до утре за вест од „Земјата на фараоните“.

Веќе е познато дека Шведска и Чешка имаа проблеми со коронавирусот, а од нив Чесите беа во полоша ситуација иако информациите се дека истата е надмината и најдено решение да се игра на СП. Меѓутоа од денеска проблемите со Ковид 19 се преселија и кај селекцијата на Бразил, па останува да се види што ќе се случи со новите тестирања и што ќе се случува со Бразилците.

Инаку, репрезентативците на Македонија веќе требаше да бидат распуштени бидејќи го одработија планираното, но заради можноста да се учествува на Светското првенство дојде до продолжување на собирот.