Македонија на пауза со предност, води со три гола против Романија

Машката репрезентација на Македонија води на полувремето против Романија со 16-13 во првиот натпревар од првиот бараж за место на Мундијалот следната година во Полска и Шведска.

Македонија имаше силовит старт, за две минути отвори со предност од 3-0. Митревски собра две одбрани, а Кузмановски погоди два пати.

Талески реализира со еден проектил, веќе беше 5-1, а по 6-2, Чави Пасквал мораше да бара тајм-аут и да го промени голманот. Минутата одмор беше доволна Романците набрзина да се вратат во игра и да намалат на 7-6, па мораше да реагира и Кире Лазаров со тајм-аут.

Кузманоски не погоди пенал, потоа имаше уште едно промашување, па Ојлески влезе во игра, а на местото на Јагуриновски, влезе Кире Лазаров. Романците комплетно се вратија во игра и израмнија на 10-10. Лазаров погоди од пенал и од игра за 12-10, па се дишеше малку полесно.

На терен влезе и Миркуловски, кој изннуди пенал, а сигурен реализатор беше Лазаров за 13-11. Селекторот погоди и за 14-11, а потоа Томовски му одбрани пенал на искусниот Јонеа. Повторно Лазаров реализираше пенал и Македонија си ги врати највисоките плус четири, 15-11.

Митревски имаше шанса уште повеќе да зголеми, но не погоди од гол на гол. Романците имаа безидеен напад, сепак на крајот дадоа гол. Серијата на Лазаров продолжи за 16-13, а потоа ударот на Кузмановски го одбрани Јанку. За Романија останаа петнаесетина секунди, но не погодија.

Остана да се изведе уште ударот од девет метри. Ракоцеа шутираше во главата на Никола Маркоски, а за тоа си доби црвен картон од судиите.