Лазаров: Имаме решение за Романците

Паски го почитувам многу, знам што работи. Тој беше 12 години во Барселона, не ја доби таа работа бидејќи има убави очи. Романскиот ракомет ќе добие многу со Паски, исто како што Македонија доби со Лино Червар, па и со Раул Гонзалес, смета македонскиот селектор Кирил Лазаров пред утрешниот дуел со Романија во Скопје.

Повеќе од деценија машката ракометна репрезентација на Македонија не била во слична ситуација како сега, да мора да игра две силни квалификациски баражи за да стигне до пласман меѓу најдобрите на СП. Утре во СЦ „Борис Трајковски“ сме домаќини на првиот квалификациски меч со Романија (19 ч.) како дел од патот за враќање на мундијалот.

По испаѓањето од групната фаза на последното ЕП во Унгарија каде завршивме со три порази, ждрепката потоа не ни беше наклонета, па за ривал на патот до СП 2023 ја добивме Романија, а потоа и евентуално Чешка доколку ја минеме првата пречка. Двомечот со Романија ќе биде ново искуство за нашата подмладена репрезентација. Многумина од нив првпат ќе играат меч кој е полн со ваков притисок.

Селекторот Кирил Лазаров повторно ќе биде „рамо до рамо“ со играчите. Ќе командува и од клупата и на терен. Многупати бил со слични ситуации да игра важни натпревари од кои може да зависи иднината.

„Секој натпревар е важен, така и овој. Важно е да не се оптоваруваме со ривалот. Ние сме репрезентација што допрва треба да ја градиме. Веќе подолго време зборуваме за смена на генерацијата, и таа смена треба дефинитивно да добие своја слика, тој процес е долг иа макотрпен. Полека ја пополнуваме сликата. Секогаш ги советувам дека треба да се има респект кон противникот, без разлика дали се работи за ривал од висока, средна или пониска класа. Спортот е дојден на ниво каде секој може да победи секого, па така е и во ракометот. Треба да се базираме на нашата игра, нашиот систем, да го надградуваме. Штом станеме подобри ќе бидеме и поопасни за противниците“, вели Лазаров.

Веќе извесно време се работи на создавање на нов тим, но веројатно треба време сите коцки да се спојат. Селекторот постојано потенцира дека треба да се игра умно, рационално, со респект…

„Откако сум поставен за селектор направив голема база, и на поважните натпревари им дадов шанса на многу играчи, уште со Данска, и дома и во гости. Се обидувам за разлика од важноста од натпреварот да ја добиваме таа слика за таа некоја нова репрезентација. Благодарен сум на постарите, како Миркуловски кој се врати да и помогне на Македонија, на Стоилов кој и покрај големите здравствени проблеми и годините играње на високи ниво пак е тука. Сите репрезентации што имаат искусни решрезентации ги користат, но дозирано. Без искусни играчи тешко е да се постигне добар резултат. А особено Македонија која се соочува со голема промена на генерации, особено после овие бараж натпревари. Тоа ќе биде една нова Македонија. Периодов го искористиме заедно со нас постарите да стекнат тоа искуство, вели Лазаров

Јавноста очекува победа, пласман во следната фаза од квалификациите. Лазаров смета дека сме подготвени да играме под притисок каков што не чека. На утрешниот натпревар веројатно Лазаров ќе го гледаме и во улога на селектор и во улога како играч.

„Планирано беше да ја завршам кариерата уште пеклани, но со оглед на целата ситуација што ја имаме како ростер, таа година дена ни даде плус време. Покрај мене и со Миркуловски и со Стоилов со репрезентацијата, тоа е можеби редок пример играч на 41 или 42 да пробува да игра за репрезентација. Миркуловски со 38 се одзива на повикот, не на мојот туку на Македонија. Стоилов е подготвен да игра и покрај сите проблеми, и иако егзистенцијата ја вади со играње во клуб. Ќе пробаме на паририме, за доброто на сите нас, смета Лазаров.

На едната страна на клупата ќе биде Лазаров, на другата Чави Пасквал. Селекторот на Романија порано му беше тренер на Лазаров во Барселона.

„Паски го почитувам многу, знам што работи. Тој беше 12 години во Барселона, не ја доби таа работа бидејќи има убави очи. Романскиот ракомет ќе добие многу со Паски, исто како што Македонија доби со Лино Червар, па и со Раул Гонзалес. Но, решение за Романија имаме, смета Лазаров.