Лазаров: Ако можевме да бираме, ќе ја одберевме токму оваа група

Македонските репрезентативци веќе се во Египет каде што утре ќе го започнат настапот на Мундијалот.

Капитенот Кире Лазаров, вели дека ако можеа да одберат група, ќе ја одбереа токму оваа со Шведска, Египет и Чиле.

„Мислам дека реално да беше една ваква ситуација, а не последниот ден. Ние информацијата за настапот на СП ја добивме на вчерашниот тренинг. Влеговме како замена, но подготвени сме, затоа што повеќе од десет дена сме заедно и одигравме приајтелски натпревари со Чиле кои беа добредојдени. Се најдовме во една добра група, за која, можам да кажам дека имавме доста среќа, затоа што ако можевме да бираме каде ќе играме, сигурно ќе ја одберевме оваа група. Утрешен противник за нас е Шведска, која на СП доаѓа десеткувана, без осум, девет или десет првотимци. Индиректно ни се дава шанса да бидеме повеќе конкурентни, па дури и да изненадиме. Среќен сум што играме на ова СП, затоа што може да видиме до каде сме и во каква ситуација индивидуално и колективно е македонскиот ракомет, па потоа ќе може да се направи детална анализа, што и како понатаму“, вели Лазаров.

Македонија стартува против Шведска во утрешниот вечерен термин од 20:30 часот, а на 16 јануари ќе игра со домаќинот Египет.