Екипата на Куманово им се врати на победите во борбата за опстанок и откако во минатото коло во Прилеп кај истоимената екипа го доживеа првиот пораз во плеј-аутот, денес триумфираше против Вардар Неготино со 31:22.
Дуелот во спортската сал при СОУ “Перо Наков“ во Куманово започна со голема борба и изедначена игра. До првата половина од првиот дел двете екипи наизменично се менуваа во водство. Откако беше 7:7, домаќините со цврстата одбрана и добрата реализација стигнаа до серија од 4:0 и водство од 12:7 во 20 минута.
Ракометарите на Куманово со решителност во нападите, пред се со смирената игра, беа за нијанса подобри од ривалот од Неготино, кој немаше расположени играчи во првото полувреме. Куманово во последните десет минути успеа да ја надогради својата предност зголемувајќи на 13:8.
Петте гола предност на домаќините беа сосема доволни да имаат мирна завршница во првото полувреме. Квалитетот на Вардар Неготино не можеше да дојде до израз поради одлилната одличната одбрамбена зона на домаќините. Избраниците на Котевски пред финишот од првиот дел зголемија на 16:10, потоа имаа и 17:10, додека на пауза резултатот гласеше 17:11.
Гостите ниту во вториот дел не можеа да му парираат на ривалот. Куманово во продолжението успеа осетно да ја зголеми предноста, најпрво поведе со 20:12 во 35 минута, а минута подоцна дојде и до девет гола разлика, 21:12. Тренерот Котевски знаеше како да изротира и разновидноста во нападот ја красеше играта на домаќините.
Во останатиот дел од дуелот немаше никаква промена на резултатот. Вардар Неготино влезе во уште поголема криза, така што домаќините зголемија на двоцифрена предност од 28:18. Тимот од Неготино успеа само да го ублажи поразот и со негатива од девет гола заминува поразен од денешното гостување во Куманово.
Најефикасни во победничката екипа беа Немања Ѓурашковиќ и Никола Бечејац со по шест погодоци, по пет реализации имаа Вучко Мрвовиќ и Владан Кастратовиќ.
Кај Вардар Неготино се истакнаа Ѓорѓи Ташев со шест и Драган Кузманов со пет погодоци.