Кичево ита кон плеј-оф, го собра цел плен кај Јехона

Екипата на Кичево во ефикасен натпревар, на кој беа постигнати вкупно 73 погодоци, славеше на гостувањето во Гостивар кај Јехона, со резултат 42:31, во натпревар од 11. коло од Првата лига.

За Кичево триумфот против Јехона, која во минатата сезона во прволигашката конкуренција играше во плеј-оф фазата, беше петти во оваа сезона и со новите освоени бодови фати приклучок кон првите три позиции на табелата во својата група.

Домаќините во дуелот со Кичево парираа само до 15 минута кога имаа негатива од 6:5 и во останатиот дел од натпреварот немаа сили за надигрување. Кичево предводен од Јаневски, Смилески, Јаковлески и Сарашов имаше повеќе од играта, лесно доаѓаше до погодоци и на пауза замина со предност од 17:11.

Солидната предност од крајот на првите 30 минути донесе убаво продолжение за Кичево и мирна игра така што немаше поголеми проблеми во второто полувреме. Во гостинскиот табор сѐ течеше според договореното, на моменти гостите се опуштаа, промашија неколку пенали, но тоа немаше никакво влијание на резултатот.

Најефикасни во победничката екипа беа Дарко Јаневски со десет, Дарио Јаковлески со осум и Кристијан Смилески со шест гола. Во поразената екипа Филип Илиески ги предводеше стрелците со осум реализации.

Во следното коло од групата А, Кичево на свој терен ќе игра против Шампион, додека Јехона ќе гостува во Велес кај дебитантот Бисинов.