Кил рутински до триумф над Целје

Европскиот шампион Кил, иако имаше големи проблеми со густиот распоред и коронавирусот, сепак е блиску до освојување на третото место во групата Б од Лигата на шампионите.

Избраниците на Филип Јиха славеа над словенечкиот првак Целје со 33-29. Домашните отворија со предност, 6-3, па беше 10-5, а на пауза се замина со плус четири за „зебрите“, 19-15.

Во вториот дел беше 30-24, упорните гости се доближија на 31-29, имаа шанса и за минус еден, но погрешија, па веќе немаше назад и Кил рутински обезбеди триумф.

Најдобри стрелци кај Кил беа Ландин и Екберг со по пет гола, додека кај Целје се истакна Мазеј со шест погодоци.