Кизиќ: Иако загубивме дома, тоа не значи дека ќе се откажеме

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува реваншот од четвртфиналето на СЕХА лига против Мешков Брест.

На првиот натпревар дома, битолчани загубија со четири гола разлика, 27-31, па ќе мора да бркаат негатива во Белорусија.

„Загубивме, но не со голема разлика за да се откажеме. Напорно работевме неделава, нема што да загубиме, треба да се бориме и да се надигруваме. Можеме да стигнеме до позитивен резултат. Мешков Брест е квалитететн тим. Сепак се четвртфиналисти на Лигата на шампионите. Имаат играчи од калибарот на Скубе, Кашпарек, Ваилипау. Имаат квалитетни индивидуалци, но не значи дека ние немаме доста квалитетни играчи и најважно ќе биде кој повеќе ќе сака да победи“, смета Кизиќ.

По СЕХА лигата, за битолчани ќе почнат и обврските во домашниот шампионат.

„Подготвени сме за стартот на Суперлигата. Ќе почне во септември, се оди во најдобар ред, со нетрпение ги очекуваме навивачите да се вратат на трибини, ни фали нивната поддршка кога играме дома. Секој играч посакува да игра пред полни трибини, можеби на почеток нема да бидат полни, но и тоа ќе биде добро“, заврши Кизиќ.

Натпреварот меѓу Мешков Брест и Еурофарм Пелистер се игра в недела во салата „Викторија“ со почеток во 16:00 часот.