Капитенот Кире Лазаров денеска брои 40. натпревари на Мундијалите

Легендата на македонскиот ракомет и капитен на сениорскиот национален тим, Кирил Лазаров денеска ќе го одигра својот 40. натпревар на светските првенства. Тој дебитираше во 1999 година на дуел против Саудиска Арабија, а после ова имаше голем број на натпреварувања на кои ги бранеше боите на Македонија.

Ова му е седмо Светско првенство и доколку немаше толку пауза меѓу Мундијалот во Египет и во Хрватска сигурно ќе дојдеше и до повеќе средби и поголем бројна голови.

Досега трипати играше против Русија, Исланд и Тунис. По двапати на терен излагаше против Германија, Норвешка, Данска, Хрватска, Словенија, Шпанија, Чиле и Египет. По еднаш имал пресметки на Мундијалите со Полска, Србија, БиХ, Австрија, Шведска, Саудиска Арабија, Јужна Кореја, Катар, Иран, Јапонија, Бахреин, Бразил, Ангола и Алжир.

На досегашните дуели 13 селекции биле од Европа, шест од Азија, а по три од Јужна Америка и Африка што дава бројка од 25 различни ривали на досега одиграните 39 средби. Со оглед на тоа што Чиле е добро познат ривал оваа селекција само ќе се придружи на составите на Русија, Исланд и Тунис на вечната листа на Лазаров.

Инаку, најмногу голови има против Русија, вкупно 32, а 31 пат ја тресел мрежата на Тунис. Против Чиле има 17 гола на двата дуели на СП, додека на другите три пресметки против Чилеанците не играше.

Македонија досега на Мундијалите има 42 средби, а Лазаров има пропуштено само два дуели и тоа на првиот шампионат пред 22 години во Египет. Тогаш тој не настапи на натпреварите против Германија и Куба.