Кадетите рутински ја совладаа Холандија, обезбедија полуфинале на силниот „Шпаркасен Куп“

Машката кадетска репрезентација на Македонија оствари рутинска победа над селекцијата на Холандија со 27-21 и обезбеди место во полуфиналето на силниот „Шпаркасен Куп“ што се игра во германскиот град Мерциг.

Избраниците на Раде Стојановиќ отворија со водство од 5-1 по десетина минути игра. Беше 9-3, и 10-4 за Македонија, но во продолжение црвен картон доби Марио Стојановски, па ривалот успеа со серија од четири гола да намали на 10-8.

Шулески со голот на петнаесетина секунди до крајот на полувремето се погрижи за плус три, 11-8, а Холанѓаните не успеаја да погодат и на пауза се замина со тој резултат.

Во второто полувреме, Македонија одново стигна до предност од пет погодоци и само рутински ја одржуваше таа разлика до самиот крај. Нашите кадети групната фаза ја завршија на второто место зад Германија, која имаше максимални три победи.

Прв стрелец во нашата репрезентација беше Мирче Калајџиоски со 11 погодоци, а по четири пати стрелаа Узунчев, Субашевски и Белистојаноски.