Кадетите не успеаја против Исланд, ќе играат за трето место на „Шпаркасен Куп“

Машката кадетска репрезентација на Македонија загуби во полуфиналето на силниот „Шпаркасен Куп“ од селекцијата на Исланд со 30-27 и ќе се бори за третото место. Нашите момци одиграа храбро, но еден лош период во вториот дел беше клучен за Исланд да поведе со четири гола, и беше тешко да се вратиме во натпреварот.

Исланд поведе со 2-0, но Узунчев намали набрзина, а потоа и Димковски погоди со играч поммалку за 2-2. Потоа се играше гол за гол до 6-6, пред „рибарите“ да искористат две наши грешки и повторно да стигнат до плус два, 8-6.

Беше и 10-8 за Исланд, но Субашевски и Карасманакис одново го вратија мечот во егал, 10-10. До крајот на полувремето имаше уште по два гола на двете страни и на пауза се замина со 12-12.

Вториот дел тргна со водство за Македонија, но Исланд секогаш израмнуваше. По 17-16 за нашите кадети, следуваше „црна дупка“ и Исланѓаните го искористија тоа за првпат во мечот да стигнат до највисока предност во мечот, 20-17.

Димковски и Субашевски намалија на 20-19, но потоа следуваше уште еден пад во нашата игра и Исланд се одлепи на 27-23 на десет минути до крајот. Предноста на „рибарите“ во следниот период се движеше меѓу три и четири гола.

По тајм-аутот на Стојановиќ на три минути до крај, промашивме пенал за минус два, а потоа веќе немаше време за камбек во мечот. Субашевски беше стрелец на седум гола, по пет постигнаа Узунчев и Калајџиески, четири пати во листата на стрелци се запиша Карасманакис, додека три гола даде Димковски.

Ривал на Македонија ќе биде поразениот од средбата меѓу Германија и Египет, а мечот ќе започне од 18:30 часот.