ИХФ ретерира: Повторно ќе се разгледува одлуката за навивачи на трибините на СП

Првиот човек на Светската ракометна федерација, Хасан Мустафа, одговори на барањето на капитените на европските селекции, кои бараа да нема гледачи во арените на Мундијалот во Египет.

Египќанецот вели дека конечното решение ќе биде познато в понеделник, а во меѓувреме ќе се одржи состанок со организаторот.

„Ние секако дека ќе го земеме во предвид мислењето на играчите пред да донесеме одлука за навивачите на трибини. Оваа прашање повторно ќе се разгледува на средбата со премиерот и министерот за здравство на Египет, која ќе се одржи денеска, а конечната одлука ќе биде објавена во понеделник“, вели Мустафа.

ИХФ пред неколку дена одлучи да има навивачи на Мундијалот во Египет. Најпрво беше најавено дека ќе има публика – 30% од капацитетот на арената, но потоа под притисок беше намален процентот на 20.

Сепак ниту тоа не беше доволно за ракометарите, кои преку Европската унија на ракометари и Форум на клубовите, упатија барање и потпишана петиција до претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа, да нема навивачи во Египет. На писмото беа потпишани 14 капитени од 16 европски селекции што ќе играат на СП.

Капитените на европските селекции потпишаа – да нема навивачи во Египет!