Осум групи за осум истакнати тренери, сегашни и поранешни селектори. Илија Темелковски е поранешен македонски селектор, кој ја предводеше македонската репрезентација во пласманот и настапот на првото големо натпреварување од „новата ера“ – Светското првенство во Хрватска во 2009 година со кое практично почна и подемот на македонскиот машки ракомет. Зад неговото име како селектор стои и 4.место на младинската репрезентација на Македонија на СП 2002 во Полска што е историски најдобриот пласман што го оствариле една македонска репрезентација во екипните спортови, како и 6.место на младинското СП (У21) 2017 во Алжир. За 24Ракомет Илија Темелковски ќе ја анализира групата Х.
На ова Светско првенство, групата Х и групата Г со која вкрстуваат во главната рунда, се најслаби или најлесни во првата фаза. Многу е лесно да одбереш фаворит во оваа група. Во оваа конкуренција тоа, без дилема, е репрезентацијата на Данска, која отскокнува по рејтинг и по квалитет од другите. Данска се докажала многупати досега и на европски и на светски првенства и на Олимпијада. Мислам дека Данците го имаат задржано квалитетот и очекувам тоа да го потврдат и на ова првенство. Го имаат и Николај Јакобсен веќе подолго време на клупата што е еден дополнителен квалитет. Сите го знаеме кој е и што е Јакобсен во ракометот, еден докажан тренер и на клупско, а сега и како селектор на репрезентативно ниво.
🇩🇰 ДАНСКА 🇩🇰
Данска секогаш на сите големи натпреварувања била во Топ 5 репрезентации, работат во континуитет, имаат феноменални школи и кога подмладуваат репрезентација, тоа го прават систематски, уфрлуваат по двајца-тројца играчи што се веќе вклучени во тој репрезентативен систем и токму затоа кај нив, тие повремени промени во составот, никогаш не чувствуваат на резултатите. Така што, Данска ја сметам не само за голем фаворит во прелиминарната група, туку и како еден од полуфиналистите на ова Светско првенство и меѓу фаворитите во борбата за медал.
Воопшто не би требало да има дилеми кој ќе оди понатаму од оваа група и кој колку бодови ќе пренесе. Фаворит е Данска, втор фаворит, според мене е Тунис, а меѓу Белгија и Бахреин ќе се решава кој ќе биде трет во во групата.
🇹🇳 ТУНИС 🇹🇳
Тунис е веќе докажано име и репрезентација која е редовно присутна на големите натпреварувања. Имаат многу играчи кои настапуваат во силни лиги како Франција, Германија, Шпанија. Мислам дека Тунижаните имаат искуство и квалитет во оваа група да бидат втори зад Данска. Тунис сигурно ќе ја помине првата фаза, тука не би требало да има поголеми проблеми, но, во вториот круг ќе биде малку потешко за нив. Нивниот реален пласман е некаде меѓу 10 и 12 место.
🇧🇪 БЕЛГИЈА 🇧🇪
Не ги познавам многу селекциите на Белгија и на Бахреин со какви игарчи располагаат и со какви состави ќе настапат. Но, не верувам дека можат да направат некое големо изненадување против противници како Данска и Тунис и нивниот меѓусебен дуел ќе решава кој ќе оди понатаму.
🇧🇭 БАХРЕИН 🇧🇭
Без разлика дали ќе биде Бахреин или Белгија трет во оваа група, тоа сепак се лимитирани селекции и ќе бидат меѓу оние репрезентации аутсајдери во главната фаза. Реално, не верувам дека може да изненадат некоја репрезентација во вториот круг.
Во вкрстувањето во главната фаза, мислам дека Данска и Хрватска се главни фаворити за првите две места, со извесна предност на страната на Данска. Разликата во квалитет меѓу Данска и другите е огромна и тука е јасна ситуација.