Иван Чупиќ останува уникат – никој освен него не ја одбранил титулата на Ф4!

Претстојниот викенд ги очекуваме борбите во Лигата на шампионите за освојување на големиот пехар. Битката за шампион на Европа ќе ја водат Барса, ПСЖ, Алборг и Нант, а полуфиналињата се во сабота, додека финалето во недела.

Завршниот турнир во Келн секогаш е непредвидлив и најчесто главните фаворити не успеваат да триумфираат. Секогаш овој турнир го одбележуваат интересни бројки а еве некои од нив во продолжение.

0 – Ниту еден клуб го нема одбранието трофејот од Лигата на шампионите откако е воведен завршен турнир во 2010 година.
1 – Еден клуб ќе дебитира на фајнал-форот, а тоа е данскиот Алборг.
1 – И понатаму единствен кој го одбранил трофејот од Лигата на шампионите е Иван Чупиќ, првпат го освои со Келце во 2016 година, а следната го повтори успехот со Вардар.
1 – Филип Јиха е единствениот кој има освоено титула во Келн како играч и како тренер. Во 2010 и 2012 година како играч на Кил, а во 2020 година како трнер на истиот тим.
1 – Еден гол беше најмалата разлика во вкупен резултат во четвртфиналињата, Алборг го елиминираше Фленсбург со 55:55, додека во претходната рунда го елиминираше Порто благодарение на повеќе постигнати голови во гости.
1 – Единствениот тим кој е на фајнал-фор со две победи од четвртфиналето е Барселона која двапати го совлада Мешков Брест.
1 – Еден клуб од учесниците на фајнал-форот претходно го има освоено трофејот, тоа е Барселона, а уште го освоиле Кил, Фленсбург, Вардар, Келце и Целје.
2 – два од четирите тренери го имаат освоено трофејот од ЛШ како тренери во минатото, Чави Пасквал со Барселона и Раул Гонзалес со Вардар.
2 – два од четири тима бееа на претходниот фајнал-фор, а тоа се ПСЖ и  Барселона.
3 – тројца шпански тренери се повторно на завршниот турнир и ја потврдуваат доминцијата, Чави Пасквал, Раул Гонзалес и  Алберто Ентрериос и еден од нив сигурно ќе биде финалист.
3 – тројца до сега ја имаат освоено Лигата на шампионите и како тренери и како играчи, Роберто Парондо играч со Сиудад Реал и тренер на Вардар, Талант Душебаев со Сантандер како играч и Сиудад Реал и Келце како тренер и Филип Јиха со Кил и како играч и како тренер.
5 – пет држави ги даваат последните 12 победници во Лигата на шампионите, а тие се Шпанија, Германија, Македонија, Полска и Франција.
9 – по девети пат од 2010 година бранителот на титулата не се квалификува на завршниот турнир.
14 – ракометари кои претходно го освоиле трофејот од ЛШ се во составите на Барселона – седум, ПСЖ – четири и Нант – три, додека од тимот на Алборг ниту еден го нема освоено трофејот.
20 – дваесет разлика е најголемата победа на еден клуб изминатата сезона, а тоа е победата на Барселона над Елверум со 39:19.
45 – натпревари Барселона е без пораз на домашен терен во Лигата на шампиони од кои се 27 победи во низа.
483 – гола беа постигнати на осумте четвртфинални натпревари или во просек околу 60 гола по меч.
654 – гола постигна Барселона со што го има далеку најдобриот напад во изминатата сезона со просек од 36 гола на 18 натпревари.
7420 – гола беа постигнати на 123 одиграни натпревари од кои 6102 во групната фаза и 835 во нокаут фазата.