Следното Европско првенство во женска конкуренција повторно ќе се одржи во три држави. Организатори на континенталниот собир во 2024 година ќе бидат Унгарија, Австрија и Швајцарија.
Ова ќе биде историско ЕП бидејќи за првпат ќе играат 24 репрезентации, па сигурно ќе има и многу дебитанти.
Европското првенство ќе се игра во четири града. Прелиминарната рунда ќе се игра во Будимпешта, Дебрецин, Базел и Инсбрук, главната рунда во Будимпешта и Дебрецин, додека финалниот викенд ќе биде во унгарската метропола.
ЕП ќе игра од 28 ноември до 15 декември, а Македонија ќе игра во квалификациите за кои допрва треба да бидат потврдени учесниците.
Нашите репрезентативки би требало да бидат во вториот шешир од квалификациите, а тоа дава право дека може да се изборат за ново учество на големо натпреварување. Ждрепката за групите ќе биде на 23 март 2023 година, а квалификациите ќе почнат во октомври 2023 година.