Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер за продолжението од сезоната се засили со ракометарот од Данска, Каспер Кисум.
Данецот, кој денес официјално беше претставен во дресот на тимот од Битола, ги сподели своите први впечатоци за градот Битола, како и за неговиот нов клуб
„Многу сум среќен што сум тука и моите први импресии се многу позитивни. Ги запознав луѓето до клубот, а попладнево првпат ќе тренирам со новите соиграчи. Малку видов од градот, убав е, а и ми допаѓа времето тука. Подобро е отколку во Данска. Едвај чекам да започнам да играм. Не сум играл со македонски играчи, главно не ги познавам моите нови соиграчи. Секако дека го знам Себастијан Хенеберг, игравме еден против друг во Данска. Но, разговарав со мои колеги, кои играле со некои ракометари на Еурофарм Пелистер во други клубови, а и гледав три натпревари на мојата нова екипа. Ми изгледа како добра екипа и едвај чекам да започнам да работам“, изјави Кисум.
Искусниот ракометар истакна дека со нетрпение очекува да заигра пред битолската публика.
,,Со нетрпение чекам да заиграм во нашиот дом во Битола. Слушав многу за публиката тука, за атмосферата која ја прават домашните навивачи и позитивната атмосфера. Верувам дека ќе започнам со победа во Суперлигата и Европската лига“, заврши Кисум.
Тренерот Ларс Валтер имаше пофални зборови за левиот бек.
,,Каспер е скоро два метри, може да игра лев и среден бек, а и игра одбрана на позициите 3, 4 и 5. Искусен ракометар е, играл во Флензбург, Штутгарт, Тулуз.. и не му треба треба многу време да се навикне на нас. Верувам дека веднаш ќе ни помогне“, изјави Валтер.
Ракометарите на Еурофарм Пелистер во сабота ќе го стартуваат вториот дел од сезонаат во македонската елита.
Противник на избраниците на Ларс Валтер ќе биде незгодниот состав на Бутел Скопје.
ОФИЦИЈАЛНО: Данецот Кисум го засили Еурофарм Пелистер (ФОТО)