Дупјачанец: Одлучи квалитетот, искуството и подолгата клупа на Вардар

Голманот на Металург и капитен на оваа екипа, Даниел Дупјачанец имаше добра средба со 15 интервенции, но тоа не беше доволно за да може да се дојде до нешто повеќе во првото полуфинале.

„На оваа средба победи тимот кој во моментов е поквалитетен и со поширок ростер. Се виде и на теренот дека Вардар има поголемо искуство, подолга клупа, па тоа си дојде и до израз на теренот. Ние успеавме да парираме додека имавме сила, а потоа до израз дојде искуството на противникот“, рече Дупјачанец после натпреварот.

Тој смета дека неговиот клуб сезонава ќе може да дојде до пласман во некој од европските купови.

„Со доаѓањето на новиот стручен штаб се забележува и подобрување на играта. Тоа се гледа и во напредокот на табелата и во добрата позиција во која се наоѓаме во битката за пласман во европските купови. Сметам дека имаме одлични шанси за да успееме во тоа“, коментираше Дупјачанец.

Инаку, Металург ја бранеше круната освоена во 2019 година после победата во финалето против Вардар, а денеска загуби со 22:27.