Драмата во Кичево без победник – Шиклевски херој на домашните

Во рамките од 3. коло од Првата машка лига, Кичево и Куманово одиграа без победник, 24:24. Во спортската сала „Јанчица“ екипата на Куманово беше блиску до освојување на првата победа во новата сезона, но домашните ракометари со добрата игра во вториот дел се изборија за реми.

Првото полувреме помина во знакот на гостите кои пропуштија неколку шанси за повисоко водство. Со головите на Мартин Димовски и Виктор Петковски, Куманово по пет минути игра имаше водство од 4:1. Добрата игра на составот од Куманово продолжи до 20. минута. Од тој период, Кичево заигра подобро во нападот. На неколку минути пред крајот на првиот дел, резултатот беше 11:11, додека на пауза избраниците на Миодраг Јовановски заминаа со предност од два гола, 14:12.

Во второто полувреме, Василевски со својот трет гол го донесе првото водство за неговата екипа, 16:15, откако претходно беше 15:15. Куманово возрати во серија од 3:0 за 18:16, а неизвесноста на теренот сè уште траеше без оглед на тоа што ракометарите на Куманово по 45 минути игра имаа солидно водство од 21:18

На десет минути пред самиот крај резултатот беше 21:19 за екипата на Куманово. Во последните минути се влезе во егал завршница. Кичево повторно дојде до израмнување, 21:21, и до крајот на натпреварот се играше гол за гол. Во последните секунди пред звукот на сирената, Шиклевски со својот осми гол ги постави конечните 24:24.

Најефикасен во составот на Куманово беше Влатко Тасевски со седум гола. Во Кичево, Филип Шиклевски беше прв стрелец со осум гола, неговиот колега, Мојсие Тасески погоди шест пати во противничката мрежа.