Доста беше чекање и созревање – време е да се одигра!

Сега сте тука и делувате незаинтересирано, недоволно мотивирано, недоволно благодарни за се што е направено за да бидеме дел од светската елита. За 12 месеци (дај Боже) ќе бидете на ЕП. Таму е клучниот момент, таму нема да има повеќе простор да кажете одново, почекајте нè да созрееме.

После Шведска ни се случи Египет, после -12, дојде -19… Втор пораз уште полош, поболен од првиот. Се ветуваше многу, се исполни малку. Се замина без притисок и без барања нешто да се направи, освен да се игра добро. Играњето го видовме, резултатот е познат. Сега треба и да се издржи тоа што следува.

Велат на „подарен коњ забите не му се проверуваат“. Ова СП дојде како подарок, но секако треба да ги гледаме резултатите, играта, однесувањето, залагањето. Шансата што се добива треба да се искористи.

Без крв во вените. Без капка пот на лицето. Без прекршок со кој ќе му се стави до знаење на противникот дека удира во ѕид и нема што да бара во тој волшебен (одбранбен) простор од три метри меѓу полната и испрекинатата линија. Без знак дека има желба. Без никаков доказ дека има мотив. Без никаков доказ дека срцето бие како на оние два милиони фанатици кои очекуваат да ги видат своите миленици како гинат на теренот. Без…

Може така со километри, без… бидејќи ниту против Шведска ниту против Египет немаше знак дека ќе се случи екслозија. Дури и кога сите помислија дека „фитиљот“ се запали, се изгаси за секунда пред фараоните со „француска вода“ и…

Кога се губи не се бараат еден или двајца виновници. Виновни се сите. Од играчите кои се на терен, па селекторот кој на моменти и надмено потврдува дека „сè уште имам договор, имам време пред себе да го реализирам планот“. Па дури и федерацијата е виновна што плати 100.000 евра за да обезбеди чартер авион, за само неколку часови. Да се стигне навреме во Каиро без малтретирање по аеродроми. И Швајцарија дојде како резерва, па долета со редовна линија. Сите услови ги имате на маса. Многу генерации пред вас тренираа со распар дресови, патуваа со автобуси, јадеа сендвичи и ланч пакети, заглавуваа по аеродроми…

Наследниците на Лазаров, барем оние кои досега беа промовирани како идни лидери годинава полнат 24 или 25 години. Премногу години за некој да бара јавноста да почека? До кога? Уште колку? Кога ќе наполните 30, 33, 35… години? Притисокот на јавноста секогаш ќе постои. А вие треба да знаете да се соочите со поразите и дебаклите исто како што се радувате и сакате да се сликате кога ќе се победи Финска, Швајцарија, Исланд, Чешка.

Вие добивте подарок каков немаа Кире, Мојсо, Жути, Борко, Диви… Вие ја почнавте кариерата со настап на Светско или на Европско првенство. Не чекавте десет години со баражи и квалификациите за да играте на ЕП или СП. Вие веќе имате по две, три, четири… првенства зад вас. Имате 6. место од јуниорски Мундијал. Имате многу натпревари. За какво чекање тогаш зборуваме? Се чекаат да созреат кадетите, се чекаат младинците да направат скок во сениорската репрезентација. Не може да чекаме да созреат играчи кои играат натпревари од ЛШ, СЕХА, играле или играат во Бундес. Тоа не може да се бара на три првенства по ред.

На Македонија и требаат ракометари (и спортисти без разлика кој спорт е) кои кога ќе излезат на терен ќе играат со срце. На ракометна Македонија и треба нов Миркуловски, кој ќе тргне кон противникот и не размислува дали ќе добие удар во глава или во стомак, дали ќе остане со скршено ребро или теренот ќе го напушти поткривнувајќи. Ни требаат нови Ацо и Велко, кои кога ќе застанат во срцето на одбрана ќе командуваат и ќе ги врзат другите околу нив така што на голманот ќе му биде задачата како песна. На ракометна Македонија и треба нов Стоилов кој е подготвен да направи сè за својата земја. На ракометна Македонија и треба нов лидер каков што беше и уште е Кирил Лазаров.

Треба и некој од постарите да има „мадиња“ па да каже дали нешто не штима внатре. Дали некоја „група“ во репрезентацијата е подоминантна од другата. Има ли „врски“, има ли лоша политика. Работите се ставаат под тепих долго време и тоа е веќе очигледно.

Пред 22 години Пепи Манасков му ја остави Македонија во наследство на Кире Лазаров на истото место крај пирамидите во Каиро. Тој не се криеше, туку тогаш со 19 години излезе и го наполни голот на Египет. Нa кого Кире ќе ја остави сега?

А Македонија ќе навива пак за вас без разлика што сега сите ве критикуваат. В понеделник против Чиле одново ќе се радува доколку победите. Ќе ве крене во облаци како што го правеше тоа секогаш, особено после 5. место на Европското првенство во Србија кога сите се радуваа како да имавме освоено златен медал.

А шанси нема да имате многу. Сега сте тука и делувате незаинтересирано, недоволно мотивирано, недоволно благодарни за сè што е направено за да бидеме дел од светската елита. За 12 месеци (дај Боже) ќе бидете на ЕП. Таму е клучниот момент, таму нема да има повеќе простор да кажете одново, почекајте нè да созрееме.

„Да се биде или не“? На вас е. Отворете го срцето и покажете и на Македонија дека ја сакате. Покажете им на овие два милиони кои треперат секоја зима со вас и ве чекаат да ги израдувате. Вчера ги израдуваа одбојкарите, а можевте и вие. Не им ја ускратувајте радоста в понеделник против Чиле. Заборавете на Шведска и Египет и тргнете напред. Доста беше чекање, време е да одиграте!