Динамо и Пасквал го шокираа Келце во Букурешт!

Ракометарите на Динамо Букурешт одиграа одличен натпевар во првото коло од Лигата на шампионите и на домашен терен ја совладаа екипата на Келце со 32:29.

Избраниците на Чави Пасквал уште од самиот почеток на дуелот имаа водство, отворија со 7:3, а потоа беше и 10:6. Келце постојано бркаше негатива и на полувремето замина со минус четири, 16:12.

Добрата игра на Динамо продолжи, но Келце усепа да израмни во 41. минута на 20:20. Следуваше период на израмнета игра и наизменични погодоци на двете страни се до финишот на натпреварот каде што романскиот тим подобро се снајде и славеше над фаворитот.

Предводник до победата на Динамо Букурешт беше Раул Кампос кој постигна 11 погодоци без промашување, а Бизау погоди седумпати. Аркадиуш Морито беше најпрецизен во тимот на Келце со седум гола, а Наи постигна пет. Карачиќ имаше три погодоци.