Десетка за Димевски, Работнички триумфално низ Велес

Ракометарите на Работнички во натпреварот од Првата лига против екипата на Борец во Велес прославија победа од два разлика, 28:26.

Во првиот дел двете екипи се менуваа во водство. Ракометарите на Борец во финишот од првото полувреме влегоа со предност од два гола разлика, а на две минути пред крајот, Лазаревски со третиот гол го зголеми водството на домаќините на три разлика, 15:12. Велешани имаа поддршка од голманот Таневски кој со неколку интервенции не му дозволи на противникот да се врати во игра. По голема борба, првото полувреме им припадна на ракометарите на Борец со три разлика, 16:13.

Во второто полувреме, Работнички во еден момент настапуваше без тројца ракометари кои беа исклучени на две минути. Гостите од Скопје со тројца на теренот успеаја да се одбранат, но со многу среќа потоа ракометарите на Борец реализираа за повторно водство од два разлика. Во 35. минута поради три исклучувања од по две минути, Даниел Петровски од Борец заработи црвен картон и мораше да се пресели на трибините. Во 40. минута водството на домашниот тим беше само гол предност, 18:17.

Чакалиќ со два гола во низа ја одржуваше својата екипа во игра. Работнички израмни на 18:18, подоцна беше 19:19, но Борец секогаш наоѓаше решение и доаѓаше до погодок за минимално водство. Пресвртот се случи на петнаесетина минути пред самиот крај, односно во 45. минута кога ракометарот на Работнички, Анѓелковски успешно погоди за водство од 21:20. Во 50. минута, избраниците на Никола Димовски се изборија за плус два разлика, 24:22.

Грешките во клучните моменти кај Борец беа пресудни за победата на Работнички. Со освоените нови бода екипата на Работнички ги задржа шансите за повисок пласман во Групата А. Најефикасен на натпреварот беше гостинскиот ракометар, Давид Димевски со десет гола. Во Борец прв стрелец беше Филип Сиљанов со пет гола.