Данскиот херој Ландин: Ова беше натпревар што долго ќе се памети

Данска по голема драма успеа да го елиминира домаќинот на Светското првенство, Египет, и да се пласира во полуфиналето.

Светскиот првак по две продолженија и пенали славеше со 39-38, а херој на мечот беше Никлас Ландин, кој го одбрани последниот удар на домашните, па Сван со прецизен удар ја потврди победата.

„Во еден момент помислив дека се е готово, дека сме елиминирани, не постигнавме ниту еден гол во второто продолжение. А тогаш…црвен картон, пенал, останавме во живот и на крајот се пласиравме во полуфиналето. Сум играл претходно продолженија, но ова беше нешто неверојатно…Потоа дојдоа пеналите, неизвесни до последниот удар, ова дефинитивно беше натпревар што долго ќе се памети“, изјави Ландин за ТВ2.

Ривал на Данска во полуфиналето ќе биде победникот од мечот меѓу Шпанија и Норвешка.