Данска фуриозно против Унгарија, Шпанија едвај ја победи Јапонија

Репрезентацијата на Данска продолжува со одличните игри на Светското првенство во Шпанија и во дерби натпреварот во рамки од третата група од главната фаза оствари убедлива победа против Унгарија со резултат 30:19.

Данките имаа лош старт и дозволија репрезентацијата на Унгарија да ја диктира играта во првата половина од првиот дел. Сепак, со серија од четири гола, Данска успеа да направи пресврт. По 8:7 за Данска, следуваше тајм-аут на унгарскиот селектор, но ни советите од унгарската клупа не одиграа голема улога на резултатот. На полувреме водството на Данска беше плус четири гола разлика, 15:11.

Стартот од вториот дел не донесе никаква неизвесност. Данска со агресивната одбрана од 6-0 успеа во целост да ги блокира нападите на Унгарките. Во 45. минута, ракометарките на Данска имаа предност од плус шест, 22:16. Во тој дел од натпреварот беше скршен отпорот на Унгарија и до самиот крај избраничките на Владимир Головин постепено го губеа дуелот.

Шпанија и Јапонија одиграа возбудлив и неизвесен натпревар, а на победа се радуваше репрезентацијата на Шпанија која со подобрата игра во последните десет минути обезбеди важен триумф од 28:26 во рамки од Групата 4. Шпанките првата фаза ја завршија со максимален ефект, односно три победи, а со освоените бодови од денес, домаќинот веќе е со една нога до пласман меѓу најдобрите осум репрезентации.