Дали Македонија може да и приреди ново разочарување на Неагу

За кратко време една од најдобрите светски ракометарки Кристина Неагу доживеа две разочарувања. Најпрво со селекцијата на Романија не успеа на квалификацискиот турнир да обезбеди место на Олимпијада, а вчера имаше болна елиминација во четвртфиналето на Лигата на шампионите од руската ЦСКА Москва.

Романија загуби од Норвешка, а потоа оствари пирова победа над Црна Гора, а тоа значеше дека Неагу можеби ја пропушти шанса за веројатно последен настап на најголемиот светски собир.

Капак на се, на клупски план ЧСМ Букурешт, е елиминиран од ЛШ само поради помал број постигнати на гости. Во Букурешт беше 32-27, во Москва, ЧСМ загуби со 24-19. Неагу по мечот не можеше да ги скрие солзите и тешко и падна елиминацијата.

Само еден ден по тоа, ќе треба да му се стави на располагање на селекторот Адриан Василе за бараж двомечот со Македонија. Романците се убедени дека нема да имаат проблеми и дека ќе обезбедат место на Светското првенство во Шпанија, но останува дали нашите сениорки може да и приредат трето разочарување по ред на Неагу.

Првиот бараж меч меѓу Романија и Македонија се игра на 17 април во Букурешт од 17:00 часот, додека реваншот е во Скопје на 21 април исто така од 17:00 часот.