Репрезентацијата на Црна Гора во првиот полуфинален натпревар на Европското првенство 2022 беше поразена од Данска, со резултат 27:23.
Избраничките на Бојана Поповиќ не успеаја да обезбедат финале и в недела ќе играат за бронзениот медал на континенталниот собир.
Една од најефикасните во денешниот дуел против Данска, екс ракометарката на Вардар, Итана Грбиќ, која во второто полувреме постигна седум погодоци, истакна дека грешките во првото полувреме кога Црна Гора речиси десет минути беше без постигнат гол, биле клучни за поразот.
„Со нашата борба и игра покажавме дека заслужено дојдовме до полуфиналето и мислам дека ова е голем успех. Одлично го отворивме натпреварот, контролиравме сѐ на почетокот, воспоставивме наше темпо, игравме одлично во одбраната, одговоривме многу добро на нивната транзиција иако истакнаа дека ќе не претрчаат. Сметам дека на наши грешки ги вративме во дуелот, направија разлика во првото полувреме и на крај се обидувавме да се вратиме во игра, но недостасуваше реализацијата, тие беа посмирени во клучните моменти и мислам дека тоа беше пресудно и Данска заслужено оди во финалето. Ние се трудевме на овој натпревар и дадовме сѐ од себе”, изјави Грбиќ.
Црна Гора во вториот дел во неколку ситуации не успеваше да постигне гол со ракометарка повеќе и му дозволуваше на противникот да има стабилно водство.
„Мислам дека во одредени ситуации можевме да одиграме посмирено, посебно во моментите кога имавме играч повеќе и многу загрижувачки беше во тие моменти кога воопшто немавме ни шутеви кон противничкиот гол. Сигурно тука требаше да направиме некоја разлика. Останува да се одмориме и в недела да се обидеме да ја освоиме бронзата. Сѐ уште имаме снага и ќе се бориме до последниот атом од силите за бронзата”, изјави Грбиќ.
Поразениот од дуелот меѓу Франција и Норвешка ќе игра со Црна Гора за трето место на Европското првенство.
Заврши црногорскиот сон за финале, Данска ќе се бори за злато!